Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Кристоф Исранг, директор за Европа во Сојузното министерство за надворешни работи на Германија. Во фокусот на разговорите беа билатералните односи, процесот на пристапување во Европската Унија и спроведувањето на Реформската агенда.

Министерот Сали ја оцени Германија како стратешки партнер и доследен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија. Тој го истакна значењето на развојната соработка и поддршката од ГИЗ за институциите, вклучително и за спроведувањето на Реформската агенда и регионалната размена на искуства.

На средбата се разговараше за потребата од фер, предвидлив процес на проширување заснован на заслуги. Министерот ја нагласи подготвеноста за конструктивен дијалог за отворените прашања и важноста од финализирањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација.

Посебно внимание беше посветено на Планот за раст за Западен Балкан и придобивките од постепената интеграција. Министерот ги посочи конкретните придобивки од учеството во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и можностите од иницијативите за дигитална поврзаност и намалување на трошоците за роаминг.

Соговорниците разговараа и за перспективите на политиката на проширување, подготовката на Европската Унија за нови членки и значењето на предвидлива повеќегодишна финансиска рамка што ги поддржува реформите, инвестициите и економското приближување.

Министерот Сали ја потврди посветеноста на Владата на мерливи реформски резултати и продлабочување на партнерството со Германија, со цел европската интеграција да донесе конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите.