„Банките шурат ли шурат! Тоа е единствениот точен опис за економскиот терор што се случува врз грбот на македонските граѓани. Додека народот едвај врзува крај со крај и се соочува со сурова инфлација и прескапа кошница, банкарскиот сектор само за првите девет месеци од 2026 година оствари застрашувачка нето-добивка од 224,4 милиони евра, додека само од провизии и надоместоци граѓаните се олеснети за рекордни 154 милиони евра – што претставува скок од над 10 отсто во однос на лани! Ова не е пазарна економија, ова е класична, државно аминувана пљачка во која секојдневните трансакции, одржувања на сметки и дигитални плаќања се претворени во златен рудник за туѓите сметки“, велат од ЛДП.

„ЛДП прашува каде е во оваа масовна ограбеност власта и импотентниот гувернер кои се целосно неспособни да го зауздаат овој хаос? Се сеќавате на симболичните најави на гувернерот Трајко Славески дека „треба да се преиспита политиката“ на провизиите? Да потсетиме дека владата со години се прави слепа и глува за ова безобразно шурење тврдејќи дека провизиите „не биле законска материја“? Ниту една реална мерка, ниту еден заштитен механизам за граѓаните – освен празни алибија додека банките им ја цицаат и последната капка крв од семејниот буџет. Истовремено, за сомнителни зделки, скандали како оние со „Алта банка“ и партиски тендери време се наоѓа во секое време, но за заштита на обичниот човек – апсолутна институционална импотенција.

А решението постоеше и сѐ уште стои на маса! Либерално-демократската партија (ЛДП) уште одамна поднесе конкретен и функционален предлог за укинување и строго ограничување на овие паразитски банкарски провизии кои го празнат секој денар од џебот на граѓанинот. Но, тој предлог беше брутално и срамно отфрлен од владеачкото мнозинство. Нѐ мавтаа и лажеа дека системот ќе ги заузда банките, а во реалноста само ги оставија одврзаните раце на мафијашкиот банкарски картел да не третираат како сопствени банкомати.

Ако секој месец се прашувате зошто сте сѐ посиромашни и зошто платата Ви се топи уште во првите пет дена, да знаете дека тоа е директен благослов од неспособниот владин апарат, гувернерот и институциите кои работат исклучиво за профитот на банкарските моќници. Време е да се стави крај на ова лудило. Прифатете го предлогот на ЛДП и законот за зауздување на банкарските провизии.

ЛДП нема да молчи пред оваа пљачка – време е за одговорност, а не за празни владини соопштенија!“, се наведува во соопштението на ЛДП.