Два руски воени авиони рано утринава навлегоа во тајванската зона за идентификација на воздушната одбрана, соопшти Министерството за национална одбрана во Тајпеј. Авионите влегле во зоната од североисток, прелетале низ воздушниот простор источно од островот, а потоа излегле јужно од округот Тајтунг, пренесува Ројтерс.
Од Министерството наведоа дека ги следеле авионите преку своите системи за разузнавање, надзор и извидување и дека „соодветно реагирале“. Во соопштението не се дадени дополнителни детали за природата на таа реакција.
Ова не е првпат Тајван да забележи руско воено присуство. Во 2023 година, два руски воени брода беа забележани кај источниот брег, поради што тајванската војска распореди свои авиони и пловни објекти за нивно следење.
















