ДОМ алармира дека нацрт-планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје до 2031 година целосно ги игнорира старите дизел-возила и оние со отстранети или нефункционални DPF-филтри.
„Додека се планираат електрични автобуси и велосипедски патеки, во документот недостасуваат конкретни механизми за ставање ред во постојниот возен парк. Отсуството на мерки за откривање возила без исправни DPF-филтри е директен удар врз здравјето на граѓаните, бидејќи токму тие испуштаат најопасни ситни честички“, велат од партијата.
ДОМ бара во планот итно да се вметнат:
• Ригорозни контроли на дизел-возилата со фокус на DPF-филтрите и мерење на штетните честички.
• Ограничување на увозот на стари дизел-возила и работни машини со високи емисии.
• Чести мобилни контроли на терен и итно санкционирање на загадувачите.
• Координиран систем меѓу МВР, Град Скопје и инспекторатите за исклучување од сообраќај на возилата што ги надминуваат дозволените граници.
Дополнително, ДОМ бара системот „Безбеден град“ преку препознавање на регистарските таблички да ги селектира ризичните возила и да ги насочува на вонреден еколошки преглед.
„Не можеме да зборуваме за чист воздух сè додека граѓаните секојдневно го вдишуваат отровот од издувните гасови. Инсистираме овие мерки да влезат во конечниот план со јасни рокови и буџет, бидејќи загадувањето не се решава со стратегии на хартија, туку со конкретни механизми и контрола на терен“, велат од ДОМ.



















