Царински службеници од царинарница Битола и мобилни тимови од Одделението за оперативни работи на зелениот пазар и градскиот плоштад во Прилеп спроведоа акција за контрола на акцизни производи, при што запленети се вкупно 168,7 килограми режан тутун, за кои е избегнато плаќање акциза во висина од 463.787 денари. Во акцијата е повикана и асистенција од полициски службеници.

Конкретно, фатени се шест лица како продаваат тутун без акцизни маркички, со што најгрубо го прекршиле законот, го оштетиле Буџетот на државата и го загрозиле здравјето на граѓаните. Против нив се поведени соодветни постапки пред надлежниот суд и Комисијата за прекршоци, соопштија од Царинската управа.

„Ова е втора акција на Царинската управа, за многу краток период. Претходно во контрола на пазарот во Чаир беа запленети 135 килограми режан тутун.

Царинската управа продолжува со засилена борба против нелегалната трговија со тутун и тутунски производи преку зајакнати контроли во внатрешноста на државата и засилени истраги за увозот на тутун и тутунски производи“.