„Откако Левица го обелодени скандалот во ЈП „Национални шуми“, каде работниците се доведени во ситуација да го заменуваат законски утврдениот регрес за годишен одмор со огревно дрво, директорот Здравко Трајанов реши да ја брани оваа феудална иновација на ДПМНЕ. Според него, никој не бил принудуван, работниците имале слободен избор, а исплатата со дрва била долгогодишна практика. Само што зад оваа идилична директорска приказна, според информациите што ги добива Левица, стои далеку погрда вистина – притисоци, преместувања и закани до повлекување на тужбите“, велат од партијата Левица.
„Прво, Трајанов нека престане да ја меша доброволноста со покорноста! Според информациите со кои располага Левица, работниците што одбиваат да го заменат својот К-15 со огревно дрво и решаваат своите права да ги побараат пред суд се соочуваат со сериозни притисоци, вклучително и преместувања на други работни места. Дополнително, до нас пристигнуваат информации дека дел од работниците ги повлекуваат веќе поднесените тужби токму поради ваквите притисоци.
Ако ‘изборот’ на работниците им е помеѓу цепаници и последици на работното место, тогаш ги повикуваме Трајанов и Михаилов да изберат помеѓу оставка и разрешување, а изјавата однапред ќе им ја подготвиме, по нивен терк.
Второ, приказната за некаква долгогодишна практика е обид партиската измислица да се продаде како наследена работа. Информациите на Левица укажуваат дека овој модел на компензација не е воспоставена годишна практика, туку решение што се наметнува под актуелното раководство на ДПМНЕ, предводено од директорот Здравко Трајанов и заменик-директорот Кире Михаилов. Наместо да одговорат зошто работниците се соочуваат со ваков третман, од директорската канцеларија се обидуваат да ја нормализираат натуралната размена како дел од современите работни односи.
Бесрамноста оди дотаму што на работниците им се подготвени и поделени готови изјави, со кои треба да ја потврдат својата согласност регресот од 13.670 денари да им биде компензиран со огревно дрво, и тоа под материјална и кривична одговорност. Толку се грижат за ‘слободниот избор’ на работникот што однапред му го напишале, испечатиле и му оставиле само да го потпише.
Никакво повикување на традиција, интерни одлуки или потпишани изјави не може да ги стави директорските желби над работничките права и законските обврски. К-15 не е поклон од Здравко Трајанов, ниту државното претпријатие е приватна бакалница во која Кире Михаилов ќе одредува со каква стока ќе се поткусуруваат со вработените. Егзистенцијата на работниците и нивните права не се експериментален полигон за партиските кадри на ДПМНЕ“, се наведува во соопштението на партијата Левица.


















