Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Парискиот мировен форум, на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“.

Таа истакна дека светот се наоѓа во период на длабока трансформација, во којшто старите модели се исцрпуваат, а новите сè уште не се оформени.

Потсетувајќи на Антонио Грамши за концептот „i te eg um“, Сиљановска-Давкова предупреди дека токму во такви периоди се создава простор за политички вакуум и геополитички ризици, бидејќи, како што нагласи, „политичкиот вакуум никогаш не трае долго“, а тоа особено важи за Балканот.

Зборувајќи за европската перспектива на регионот, претседателката порача дека земјите од таканаречениот Западен Балкан не се периферија на Европа, туку нејзин природен географски, историски и културен дел.

Сиљановска-Давкова посочи дека земјата 21 година има кандидатски статус и дека зад неа стојат 17 позитивни извештаи, но и покрај тоа сè уште не го започнала преговарачкиот процес.

Говорејќи за бројните уставни измени, Сиљановска-Давкова ја отвори и суштинската дилема за суверенитетот и демократскиот легитимитет, потсетувајќи дека Уставот не е само највисок правен акт, туку и општествен договор.

„Мојот суверенитет извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. И мојот легитимитет исто така“, порача претседателката, повикувајќи на владеењето на правото, како и почитување на човековите права и слободи.

Наместо само да бара од земјите од Западен Балкан да бидат поотпорни, вели таа, Европската Унија треба да ја зајакне нивната отпорност со забрзување на процесот на нивната интеграција во ЕУ.

Претседателката предупреди дека во современиот свет, обележан со вештачка интелигенција, дигитализација и нови форми на хибридни закани, одговорот не може да биде само надворешна отпорност, туку и внатрешна демократска и институционална цврстина.

Одговарајќи на прашањето за протестите во повеќе европски земји, во кои особено активно учествуваат младите, таа нагласи дека тие не треба се третираат само како иднината, туку како рамноправни учесници во сегашноста и во процесите на одлучување.

Според неа, односот кон младите мора да се темели на почит, еднаквост, охрабрување и нивно активно учество во носењето одлуки. За неа, дијалогот меѓу генерациите е предуслов за опстанок во свет кој повеќе не може да се гради врз изолираност.

На крајот, таа порача дека Европа не може да биде целосна без стабилен и демократски Западен Балкан, а европската безбедност не може да се одвои од безбедноста на регионот.

На панел дискусијата учествуваа и литванскиот претседател, Гитанас Науседа и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан.