„Светскиот ден на науката за мир и развоj – 10 Ноември оваа година го одбележуваме со видливи резултати во научно-истражувачката дејност. Ова го нотира и Европската комисија во Извештајот за напредокот на државата за 2026 со оценката дека е направен добар прогрес во остварување на целите од Акцискиот план на Стратегијата за паметна специјализација, со основањето и ставањето во функција на Агенцијата за иновации, научно – технолошки развој и претприемништво ИНОВА, но и со продолжувањето на учеството во европски програми за наука и иновации“. велат од Министерството за образование и наука.
„Резултатите ја покажуваат посветеноста на Владата и на Министерството за образование и наука кон поттикнување на научните истражувања и иновациите. Имаме јасна цел: да ги зајакнеме капацитетите за научно-истражувачка дејност и да го зголемиме влијанието на научно-истражувачките резултати врз општеството и економијата. Ова го поддржуваме преку континуиран раст на буџетот за наука, за да осигуриме дека научната заедница има ресурси и поддршка што ѝ се неопходни.
Овогодинешниот буџет изнесува рекордни 773 милиони денари, што е скок во споредба со 680-те милиони денари минатата година и повеќе од двојно зголемување во однос на 380-те милиони денари издвоени пред две години. И резултатите се опипливи. Минатата година поддржавме околу 50-тина двогодишни научни проекти, што се сега во завршна фаза.
Презедовме конкретни активности поврзани со потребата за зголемена научна продукција. Обезбедивме бесплатен пристап до главните глобални научни бази на податоци „Web of Scie ce“ и „Scopus“ за нашите научници и академски професори. Ги покриваме трошоците за објава на научни трудови во списанија со импакт фактор, за организација на домашни и за учество на меѓународни научни конференции, ги покриваме трошоците за објава на зборници.
Системски инвестираме во наука и ги отстрануваме бариерите за да можат нашите научни работници да се натпреваруваат и да соработуваат глобално, а нивните резултати да можат да донесат вистинска вредност дома.
Наш стратешки приоритет останува забрзан развој на науката и подобро позиционирање македонските универзитети на глобалните ранг-листи“, соопшти МОН.


















