Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешената прес-конференција ги повика премиерот Мицкоски и гувернерот Славески, да одговорат на неколку клични прашања во врска со дозволата за влез на Алта банка во Македонија и контактите со сопственикот на банката, Давор Мацура. Филипче посочи дека ова не се неважни детали, туку прашања од кои зависат угледот и репутацијата на државата во Европа и светот.
„Сè уште нема одговор од гувернерот, ниту од премиерот, зошто не провериле каков капитал влегува во земјата? Зошто не провериле каква репутација има газдата на Алта банка кој што од вчера е во притвор, Давор Мацура? Имало ли трансфери на пари пред купувањето на Алта банка Битола? Било ли укажувано на што посебно треба да одговори премиерот на државни и јавни претпријатија непосредно пред или непосредно после оваа трансакција пред Алта банка Белград да ја купи Битолската банка, да ги префрлат своите сметки во таа банка?“, рече Филипче.
Тој додаде дека Миуцкоски и Славески треба да одговорат и дали имале средби со Мацура во Македонија.
„Имало ли средби со Давор Мацура на гувернерот Трајко Славески? Имало ли средби помеѓу гувернерот и Давор Мацура на кои што присуствувал и премиерот Христијан Мицкоски? Доаѓал ли тука со скап приватен авион Давор Мацура на такви средби? Ова се прашања кои што се многу важни. Од кои што зависи и репутацијата на земјава, угледот на Македонија во Европа и во светот“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ, предупреди дека постои опасност Македонија, поради политиките на власта на Мицкоски, да стане засолниште за сомнителен руско-српски капитал поврзан со криминал, корупција и шверц на дрога.
„Можно е да сме станале, благодарение на власта на Христијан Мицкоски, да сме сега и непосредниот период после ова единствено и крајно засолниште на сомнителен руско-српски капитал поврзан со криминал, со корупција, со шверц на дрога и така натаму. И да притоа во таа банка сметки имаат и наши високи владини службеници и функционери и да тоа е една од причините да вака на брзина несоодветно, затоа што брзањето си го прави своето, луѓето влегуваат од грешка од грешка, овие работи сакаат да се сокријат“, рече Филипче.
Тој порача дека власта не може со пропаганда и обиди за дефокусирање да ја избегне одговорноста за скандалот со Алта банка.
„Експлицитната одговорност за ова што се случува ја имаат тој и неговата криминална група околу него. Не може да е друг крив тоа што Давор Мацура, којшто е сега во притвор, којшто извадил пред неколку дена 400 милиони евра во кеш во Србија, пари од корупција и од криминал му дозволиле да дојде тука и да не одговорат на клучните прашања“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека скандалот со Алта банка не е прашање што може да се затвори со политички изговори, туку сериозен случај за кој одговорност ќе мора да има пред надлежните институции.
„Затоа што ова не е шега, никој тука нема да дозволи ние да бидеме криминално гнездо поради личните финансиски интереси на оваа банда на власт“, рече Филипче.
















