Министерството за дигитална трансформација ја информира јавноста дека до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) е доставен нов налог за блокирање дополнителни 104 веб-страници преку кои нелегално се приредуваат онлајн игри на среќа. Со ова, вкупниот број записи опфатени со досегашните налози за блокирање достигнува 462.

„Со ова продолжуваат активностите за спречување на нелегалното приредување игри на среќа преку интернет и за ограничување на пристапот до платформи кои работат спротивно на законските прописи во државата.

Овие мерки се насочени кон заштита на граѓаните во интернет-просторот, вклучително и од ризиците поврзани со споделување лични и финансиски податоци на нелегални платформи за игри на среќа. Посебен акцент се става на заштитата на малолетниците и спречувањето на нивната изложеност на онлајн коцкање.

Согласно доставениот налог, АЕК е должна во рок од пет дена од неговото добивање да го проследи до операторите на електронски комуникациски мрежи. Операторите треба веднаш да постапат по налогот и да го ограничат пристапот до наведените веб-страници, со прикажување соодветно известување за причината за блокирањето.

Апелираме граѓаните да бидат внимателни и да не споделуваат лични и финансиски податоци на непроверени веб-страници. Воедно, ги повикуваме родителите и старателите да посветат дополнително внимание на онлајн активностите на децата и да разговараат со нив за ризиците во интернет просторот“, соопшти Министерството за дигитална трансформација.