Седум возачи биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик, информира Министерството за внатрешни работи.

Од приведените, тројца управувале возило без положен возачки испит. Станува збор за Х.И. (39) од Велес, С.Ш. (36) од Куманово и А.Ш. (25) од селото Селце.

Двајца возачи биле затекнати како управуваат под дејство на алкохол. Тоа се З.С. (43) од Куманово и З.З. (63) од Велес.

Уште двајца возачи управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана за управување. Станува збор за К.Е. (49) од селото Ѓурѓевиште, гостиварско, и Р.С. (47) од Кавадарци.

Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Министерството апелира до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и да не управуваат возило без положен возачки испит, под дејство на алкохол или додека имаат активна забрана за управување.

Од МВР предупредуваат дека непочитувањето на сообраќајните правила ја загрозува безбедноста на сите учесници и повикуваат на одговорно однесување за побезбедни патишта и заштита на човечките животи.