Македонскиот КИЦ во Белград, во соработка со „Танграм Центар“, организира вечер посветена на големата џез и соул интерпретаторка, со македонско потекло, Бети Ѓорѓевиќ.
Концертот, насловен по нејзиниот прв голем хит „Крај на мојата тага“ („Крај моје туге“) со кој се стекна со популарност уште во далечната 1974 година, ќе биде исполнет со сеќавања за неа, преку одбрани видео материјали, како и со музички интерпретации на познатите вокални солистки Нада Павловиќ и Снежана Бериќ-Екстра Нена, во пијано придружба на Небојша Костиќ.
Водител и сценарист на настанот ќе биде актерот Пеѓа Милојевиќ. Иницијатори и организатори на оваа меморијална музичка вечер се КИЦ Белград и директорот Васко Шутаров, а настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Бети Ѓорѓевиќ, која почина на 19 јануари годинава, беше редовен гост на сите поважни културни настани во организација на КИЦ Белград, а идејата да се реализира портрет посветен на нејзиниот богат музички живот, ја поддржуваше и силно и се радуваше.
Вечерта посветена на Бети Ѓорѓевиќ, ќе започне в петок (30 октомври) во 19,30 часот, во КИЦ Белград, на ул. Македонска 30, а за истата, веќе владее голем интерес во белградската јавност, меѓу почитувачите, соработниците и пријателите на Бети Ѓорѓевиќ, како и во српските медиуми, кои веќе најавија присуство на настанот.

















