Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се обрати на завршниот настан на проектот SMILE, реализиран со поддршка на Европската Унија преку ИПА II програмата, чија цел е унапредување на системот за управување со квалитетот на воздухот.

Хоџа истакна дека борбата против загадувањето бара системски пристап, сигурни податоци и координирано дејствување на сите надлежни институции.

Во рамки на проектот се подготвени нацрт на новиот Закон за квалитет на амбиентниот воздух, осум нови подзаконски акти, како и национални планови за квалитетот на воздухот и контрола на загадувањето за периодите 2027–2031 и 2027–2037 година.

Проектот придонесе и за унапредување на мониторингот на загадувањето, подобрување на инвентарите на емисии и јакнење на институционалните капацитети.

„Нашата одговорност е податоците и законските решенија да ги преточиме во поефикасни политики и подобар квалитет на воздухот. Продолжуваме да работиме на системски решенија што ќе придонесат за заштита на здравјето на граѓаните и почиста животна средина“, порача министерот Хоџа.