Најмалку три лица загинаа, а четворица се повредени во руски напад со дронови, кој утрово погоди колона возила во областа Холосијивски, во предградието на Киев. Локалните власти ја потврдија информацијата, пренесува „The Kyiv I depe de t“.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека дрон паднал во близина на бензинска пумпа. Државната служба за вонредни состојби на Украина објави детали за жртвите, наведувајќи: „Непријателот повторно цинично ги напаѓа цивилите. Зад секој ваков напад стојат човечки животи, болка и уништени судбини“.

Обвинителството на Киевската област објави фотографии од местото на настанот, на кои се гледаат неколку запалени автомобили долж автопатот Киев–Одеса. Од Обвинителството соопштија дека е отворена истрага за кршење на законите и обичаите на војување.

Украинските служби за итни случаи известија за уште еден напад што се случил претходно истото утро. Во напад врз производствен и складишен објект во Обухив, град јужно од Киев, загинаа три лица, а најмалку шестмина се повредени. Тимур Ткаченко, регионален функционер во Киевската област, потврди дека меѓу жртвите има две жени и еден маж. Тој додаде дека пожарот во погодениот објект е изгаснат.

Според соопштението на Украинските воздухопловни сили, Русија ја нападнала Украина во текот на ноќта на 20 октомври, користејќи 165 дронови од типот „Шахед“ и други летала. Од нив, 105 биле опремени со млазни мотори. Воздухопловните сили соопштија дека 115 руски дронови, вклучително и 73 со млазни мотори, биле соборени или неутрализирани преку средства за електронско војување на 30 различни локации.

Киев и другите градови сè почесто се цел на дронови со млазни мотори, кои не беа толку масовно користени минатата зима. Овие летала се побрзи и летаат на поголеми височини од постарите руски модели со пропелери, поради што за украинската противвоздушна одбрана е потешко да ги пресретне.

фото/Depositphotos/илустрација