Осум возачи кои управувале моторни возила под дејство на алкохол биле откриени при засилена сообраќајна контрола што во текот на ноќта меѓу 17 и 18 октомври ја спровела Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи во Скопје.
Контролата се одвивала во периодот од 21 до 3 часот, на подрачјата на општините Илинден, Гази Баба и Кисела Вода, со посебен акцент на откривање и санкционирање возачи кои управуваат под дејство на алкохол.
Од осумте возачи, тројца биле лишени од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено во член 297-а од Кривичниот законик. Кај нив било утврдено присуство на алкохол над 1,50 промили.
Уште едно лице било лишено од слобода поради истото кривично дело, бидејќи управувало моторно возило без возачка дозвола.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека против сите сторители ќе бидат поднесени соодветни прекршочни и кривични пријави.
Од МВР најавуваат дека засилените акциски контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и заштита на животот и здравјето на учесниците.
Министерството упатува апел до возачите доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат моторни возила под дејство на алкохол.

















