Агенцијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (UKMTO) денеска соопшти дека примила извештај за инцидент североисточно од Хор Факан, во територијалните води на Обединетите Арапски Емирати, каде што танкер што пловел кон југ пријавил дека бил погоден со два проектила.
Еден член на екипажот бил полесно повреден, а бродот претрпел и материјална штета. И покрај инцидентот, танкерот продолжил да плови по својата рута, се наведува во соопштението на UKMTO, пренесува Ројтерс.
Според агенцијата, станува збор за танкер за превоз на течен природен гас (LNG), кој бил нападнат од лица во мал чамец, познат како скиф, во близина на јеменскиот град Ал Мукала.
Според информациите што ги пренесе Ал Џезира, во малиот чамец имало најмалку седум мажи.
„Од чамецот биле испукани два истрела кон танкерот, по што вооружениот тим за обезбедување на бродот испукал два предупредувачки истрела кон малото пловило, принудувајќи го неговиот екипаж да го смени курсот“, се наведува во соопштението на UKMTO.
Агенцијата предупреди дека ваквите инциденти укажуваат на зголемени тензии и безбедносни ризици на клучните поморски рути на Блискиот Исток.


















