Гувернерот на Банката на Англија, Ендру Бејли, им се придружил на група европски финансиски претставници кои ја напуштиле седницата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Бангкок во знак на протест поради учеството на Русија, објави британски „Гардијан“.

Претставници на Франција, Германија и неколку скандинавски и балтички земји ја напуштиле салата кога рускиот министер за финансии Антон Силуанов почнал да им се обраќа на учесниците на руски јазик. Учеството на Бејли во протестот го потврдила Банката на Англија.

Претседателот на германската централна банка Бундесбанк, Јоаким Нагел, изјавил дека во заедничкото напуштање на седницата учествувале речиси половина од делегатите.

„Војната во Украина е егзистенцијално прашање за нас во Европа. Не можеме да ги нормализираме односите со Русија“, изјавил европски дипломат за Ројтерс.

Постигнат договор за заедничка изјава

Претседавачот со Управниот одбор на ММФ, саудискиот министер за финансии Мухамед ел Џадан, потврдил дека дел од учесниците ја напуштиле седницата, но истакнал дека сепак бил постигнат договор за заедничка изјава.

„Дојдовме овде со причина и ја остваривме. Погледнете ја изјавата на претседавачот – во неа јасно пишува дека сите членки се согласиле со текстот. Тоа е она што е важно“, рекол Ел Џадан.

Учеството на Русија на меѓународните финансиски собири и претходно предизвикувало незадоволство кај европските претставници. САД, сепак, го поддржале присуството на руската делегација. Претставничката на американското Министерство за финансии, Ерин Браун, изјавила за Ројтерс дека Вашингтон го поддржува учеството на Москва.

Предупредување за ризиците за светската економија

Учесниците на собирот во Бангкок разговарале и за отпорноста на светската економија во услови на војната во Украина и нарушувањата во регионот на Ормускиот Теснец поради американската воена кампања.

Ел Џадан предупредил дека нема простор за опуштање, имајќи ги предвид високиот јавен долг и растот на каматните стапки на пазарот на обврзници.

Во изјавата по состанокот навел дека светската економија се справува со низа кризи подобро од очекуваното, но дека се намалени резервите за ублажување на нови потреси.

Тој додал дека ескалацијата на конфликтите и трговските тензии би можела дополнително да ги наруши клучните трговски правци, да го зголеми притисокот врз цените на стоките и да ја влоши сигурноста на снабдувањето со енергенси и храна.