Молдавија ја осуди Русија откако пет дрона влегоа во нејзиниот воздушен простор во период од нешто повеќе од 17 часа, во текот на четвртокот и петокот. Според молдавските власти, станува збор за руски дронови, кои се урнале во различни делови на земјата, при што едно лице било полесно повредено, а била предизвикана и помала материјална штета.

Од Министерството за надворешни работи на Молдавија оценуваат дека инцидентите претставуваат закана за безбедноста на граѓаните и се директна последица од руската војна против Украина.

„Овие инциденти претставуваат закана за безбедноста на граѓаните и ги покажуваат директните последици од руската агресивна војна против Украина врз регионалната стабилност“, се наведува во соопштението на министерството.

Петте дрона се урнале главно во северните и источните делови на земјата. Ова не е прв ваков инцидент во последниот период. Минатата недела, дрон се урнал на околу 35 километри од главниот град Кишињев.

Молдавија бара објаснување од Москва

По инцидентите, молдавското Министерство за надворешни работи повеќепати го повикало рускиот амбасадор Олег Озеров на разговор, барајќи објаснување за нарушувањата на воздушниот простор.

Претседателката Маја Санду редовно ја критикува руската надворешна политика, оценувајќи дека таа е спротивна на интересите на Молдавија. Таа одбива да ги прифати акредитивните писма на рускиот амбасадор, иако Озеров во земјата престојува повеќе од две години.

Молдавија, која граничи со Украина, ја осуди руската инвазија и повеќепати реагираше на навлегувањата во нејзиниот воздушен простор. Владата во Кишињев води проевропска политика и се стреми кон членство во Европската Унија до 2030 година.

Од друга страна, Русија ја обвинува Санду дека води непријателска политика кон Москва. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во четвртокот изјави дека подобрување на односите со Молдавија е можно само доколку владата на Санду се откаже од, како што ја нарече, „политиката заснована на русофобија“.