Претседателката и врховна командантка на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на одбележувањето на 17 Октомври – Денот на Командата за операции, во касарната „Боро Менков“ во Куманово.

Таа ја истакна клучната улога на Командата во одбраната на државата, нагласувајќи дека оперативната подготвеност се темели врз знаење, дисциплина и способност за навремено и ефикасно дејствување.

Осврнувајќи се на современите безбедносни предизвици, претседателката укажа на потребата од постојано унапредување на одбранбените капацитети и одржување на високото ниво на подготвеност на Армијата.

За неа, членството во НАТО, усогласувањето со стандардите на Алијансата и учеството во заедничките активности се потврда дека нашата Армијата е кредибилен и доверлив сојузник, а јасните критериуми и доследното вреднување на постигнатото треба да бидат принципи и во процесот на европската интеграција.

Сиљановска-Давкова ја истакна улогата на припадниците на Командата за операции во справувањето со природни непогоди, пожари и други кризни состојби, како и нивниот придонес во заштитата на граѓаните, потсетувајќи дека доделеното одликување „Орден за воени заслуги“ е признание за унапредувањето на армиските капацитети и зајакнувањето на борбената готовност.

На припадниците на Армијата им оддаде признание за нивната професионалност, посветеност и подготвеност за исполнување на задачите, изразувајќи очекување дека и натаму ќе ги надградуваат своите способности и ќе ја оправдуваат довербата на граѓаните.

Текстот Сиљановска-Давкова: Командата за операции е еден од столбовите на армискиот одбранбен систем е превземен од МАКФАКС.