Британскиот милијардер и основач на „Вирџин груп“ (Vi gi G oup), Ричард Брансон, остро го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот однос кон рускиот претседател Владимир Путин.
Во објава на „Li kedI “, тој ја обвини администрацијата на Трамп дека им попушта на диктаторите, предупреди на последиците што американските постапки би можеле да ги имаат врз Украина и ги повика европските лидери да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност.
„Никогаш не помислував дека ќе морам да го кажам ова во текот на мојот живот, но сега е 2026 година и, за жал, ништо не е како што беше порано“, започна Брансон во својата објава.
„Администрацијата на Трамп почна да им попушта на автократите и диктаторите, ставајќи ги нивните лични каприци пред интересите на американскиот народ и слободниот свет. Што е тоа кај Путин што го тера претседателот Трамп толку многу да му угодува?“, праша британскиот претприемач.
Брансон конкретно предупреди на ерозијата на довербата меѓу САД и нивните традиционални сојузници.
„Како американските сојузници воопшто ќе можат повторно да ѝ веруваат на оваа администрација, кога таа сега им врти грб во време на војна и страдање?“ напиша тој.
Тој се осврна и на американската поддршка за Украина, изнесувајќи сериозни обвинувања за последиците од потезите на Вашингтон.
„Забавувањето на ’Старлинк‘ (Sta li k) и ’Старшилд‘ (Sta shield), како и необјаснивиот изостанок на навремени предупредувања за руските ракетни лансирања, веќе доведоа до непотребни смртни случаи на украински цивили. Колку полошо може да стане?“, праша тој.
Станува збор за тврдења на Брансон, кои тој не ги поткрепи со конкретни докази во објавата. „Старлинк“ е сателитска интернет-мрежа на компанијата „Спејс-Икс“ (SpaceX), додека системот „Старшилд“ е развиен за потребите на американските владини и безбедносни институции.
Брансон смета дека европските лидери повеќе не можат да чекаат Вашингтон да ја промени својата политика кон Русија и Украина.
„Ако нешто е јасно, тоа е дека европските лидери мора да го надминат почетниот шок од неодамнешните потези на Трамп и да преземат одговорност. Ова се однесува подеднакво на слободата на Европа, колку што се однесува и на суверенитетот на Украина. И за едното и за другото вреди да се бориме“, напиша тој.
Брансон, исто така, повика на поконкретни мерки со кои европските земји би ѝ помогнале на Украина да се одбрани од руската агресија.
„Сите опции сега мора да бидат на маса – од префрлање на замрзнатите руски средства на Украина, па сè до испорака на напредни системи за вооружување, како што се германските ракети ’Таурус‘“, рече тој.
На крајот од својата објава, британскиот милијардер изрази загриженост за насоката во која се движат меѓународните односи, како и за иднината на западните демократии.
„Зошто, о зошто се случува ова? Не смееме да дозволиме слободниот свет да се урне пред нашите очи“, заклучи Брансон.
















