Работата на портпаролот е да ги обликува вестите, а не да стане вест. Новата портпаролка на Белата куќа, Кејти Закарија, моментално се соочува со тешкотии во тој поглед. Таа се претставувала како адвокат, иако не ги исполнува условите за таа титула во нејзината матична држава – прашање што поттикна една организација за следење на јавната одговорност да побара истрага од Адвокатската комора на Калифорнија, пренесува Си-ен-ен.
Проблемот не е во тоа што за позицијата портпарол на Белата куќа е потребна диплома по право, бидејќи такво барање не постои. Проблемот е што Закарија постојано се претставувала како адвокат на телевизија – вклучително и на Си-ен-ен – факт што прв го истакна независниот новинар Џад Легум.
Самиот претседател Трамп ја употреби таа титула кога го објави нејзиното назначување. Проверката спроведена од тимот „K-File“ на Си-ен-ен откри најмалку шест случаи во кои таа се нарекувала себеси адвокат или корпоративен правник. Покрај тоа, таа често објавувала или споделувала содржини на социјалните мрежи во кои се опишува себеси како адвокат или правен стратег.
Закарија поседува диплома од Правниот факултет „Пепердин Карузо“ (Peppe di e Ca uso School of Law), но нема докази дека некогаш го положила правосудниот испит. Таа тврди дека се стекнала со одредени квалификации во Кина, иако точната природа на документите останува нејасна. Кога новинарите од Белата куќа го прашаа Трамп каде Закарија го положила правосудниот испит, таа се вмеша, изјавувајќи дека тоа го сторила откако се преселила во Кина.
Нејзиниот одговор го изненади и самиот Трамп. Подоцна таа изјави за „Политико“ дека „се занимавала со меѓународно трансакциско право со сите потребни квалификации“.
Белата куќа не појасни каков вид на сертификација добила Закарија во Кина, но тоа сигурно не било кинеската верзија на правосудниот испит. Според податоците од локалното Министерство за правда само кинески државјани можат да добијат лиценца за вршење адвокатска дејност во Кина.
Покрај тоа што на телевизија тврдеше дека е адвокат, Закарија на својот профил на Li kedI наведува улоги што звучат како правни по природа. Таа изјави дека работела како „главен правен советник“ за активистичката група „Fix Califo ia“; сепак, во даночната пријава на организацијата за 2024 година, нејзиното име е наведено покрај улогата на лице за собирање средства.
Таа исто така тврди дека работела речиси две години, почнувајќи од 2011 година, како „соработник“ во адвокатската канцеларија „Zho g Lu “ во Пекинг. Претставник на Белата куќа се обиде да ја разјасни ситуацијата.
„По дипломирањето, Кејти се пресели во Кина со својот сопруг поради неговата работа во американски инвестициски фонд, и таму се занимаваше со меѓународно трансакциско право“, рече тој. Си-ен-ен не најде докази дека Закарија го положила правосудниот испит во сојузните држави каде што живеела и работела.
Адвокатската комора на Калифорнија потврди дека не постои евиденција оти Кејт Шерон Закарија или Кејт Шерон Блек (нејзиното моминско презиме) некогаш поседувале лиценца за вршење адвокатска дејност во таа држава. „Поради правилата за доверливост, Комората може само да потврди дали некој го положил правосудниот испит, но не и дали воопшто излегол на него“, изјави портпарол на Комората.
Оваа афера веројатно им изгледа безначајно на оние што се повеќе загрижени за војната против Иран, иницирана од администрацијата на Трамп, или за инфлацијата што влијае врз американските граѓани. Сепак, остануваат прашањата: каква потврда за квалификација добила Закарија во Кина? Дали паднала на правосудниот испит или едноставно никогаш не излегла на него? И зошто никој во Белата куќа не ги проверил нејзините квалификации? На крајот на краиштата, Трамп е тој што зборува во име на својата администрација, но таквите настапи наскоро би можеле да станат значително потешки за него. Доколку демократите ја преземат контролата врз еден или двата дома на Конгресот, се очекува да покренат низа истраги за неговата администрација и за деловните активности на неговото семејство. Во тој случај, нему ќе му биде потребен портпарол во кого има целосна доверба, заклучува Си-ен-ен.
фото/ЕПА
















