Британскиот премиер Енди Бернам денеска ќе го пречека Володимир Зеленски во Даунинг стрит за да ја истакне својата „непоколеблива“ поддршка за украинскиот претседател – кого Доналд Трамп неодамна го критикуваше – соопшти британската влада.

За време на средбата, лидерот на Лабуристите ќе вети дека ќе го „забрза испорачувањето на клучните системи за противвоздушна одбрана“ во наредните недели и ќе ги повика „меѓународните партнери да ги заострат санкциите против Русија“, се наведува во соопштението од Даунинг стрит.

Украина и нејзините европски сојузници беа затекнати од одлуката на американскиот претседател минатата недела да ги укине санкциите за рускиот дизел, овозможувајќи ѝ на САД да купуваат големи количества од ова гориво. Целта е да се намалат цените на бензинските пумпи и да се придобијат американските гласачи пред клучните меѓумандатни избори во САД, забележува агенцијата Франс прес.

Доналд Трамп, исто така, остро го критикуваше Володимир Зеленски; пред четири дена, тој дури и „сугерираше“ Украинците да изберат „нов лидер кој би можел да постигне мировен договор“ со Москва.

Во овие околности, „нашата непоколеблива поддршка за Украина е од витално значење за гарантирање на безбедноста на Британија и за обезбедување дека оние на фронтот ја имаат потребната опрема“, рече Бернам во соопштението.

Британија е еден од најважните поддржувачи на Украина.Доналд Трамп предизвика дополнителна збунетост кога еднострано објави „енергетско примирје“ меѓу Украина и Русија. Сепак, Володимир Зеленски ја обвини Москва дека завчера ги нападнала украинските енергетски капацитети и оцени дека станува сè поочигледно оти Русија го отфрлила тој предлог.

Иако ја критикуваа одлуката на Трамп за укинување на санкциите за рускиот дизел, западните сојузници на Украина го поддржаа повикот на американскиот претседател за прекин на нападите врз енергетскиот сектор. Британскиот и германскиот министер за надворешни работи вчера, од Варшава, ги повикаа своите сојузници да воведат дополнителни санкции против Русија.

Британија е еден од најважните поддржувачи на Украина уште од почетокот на руската инвазија во 2022 година.