Во пресрет на Меѓународниот ден на белиот стап во Општина Илинден се одржа Инклузивен саем под мотото „Допри. Слушни. Почувствувај. Разбери.“ Настанот беше организиран во соработка со ООУ „Гоце Делчев“ и Државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ – Скопје, со цел подигнување на јавната свест за лицата со оштетен вид, поттикнување на инклузијата и промовирање на еднаквите можности.

Во рамки на саемот беа поставени тематски штандови, преку кои посетителите имаа можност да се запознаат со Брајовото писмо, тактилните наставни материјали, асистивната технологија, адаптираните игри и спортски активности, како и со значењето на белиот стап како симбол на самостојноста и мобилноста на лицата со оштетен вид.

Градоначалникот Георгиевски, заедно со директорите на двете училишта, ги посети изложбените штандови и се запозна со наставните методи, современите помагала и активностите преку кои се поттикнува самостојноста и активното вклучување на лицата со оштетен вид во секојдневниот живот.

Општина Илинден останува посветена на создавање инклузивна средина во која секој поединец ќе има еднакви можности за образование, развој и активно учество во општеството. Преку соработката со образовните институции и поддршката на ваквите иницијативи, Општината продолжува да придонесува кон подигнување на свеста, надминување на предрасудите и градење заедница заснована на солидарност, разбирање и меѓусебно почитување.

Текстот Општина Илинден со Инклузивен саем го одбележа Меѓународниот ден на белиот стап е превземен од МАКФАКС.