ВМРО-ДПМНЕ упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, оддавајќи им почит на борците од Народноослободителната борба и нивната жртва за слобода и создавање самостојна и независна држава.
„На 11 октомври 1941 година во Прилеп и Куманово, Македонците храбро го кренаа првиот удар за слобода“, се наведува во честитката на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека идеалите на борците треба да бидат водилка и за денешните генерации, а за изградба на попросперитетна Македонија се потребни обединување, заеднички ангажман, знаење и труд.
Партијата ја нагласува и важноста од пренесување на вредностите на борците на младите генерации, како и од негување на идејата за живот и напредок во сопствена, самостојна и независна држава.
„Нека е честит 11 Октомври, Денот на народното востание!“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.












