Ормускиот Теснец повеќе не е блокиран, но цените на горивата и понатаму остануваат исклучително високи.

Просечната цена на бензинот во САД изнесува 4,36 долари за галон, што е највисоко ниво забележано во овој период од годината, додека дизелот е само дваесетина центи под историскиот рекорд од минатиот месец, пишува „Си-ен-ен“ (CNN).

Иако деблокадата на Ормускиот Теснец го олесни снабдувањето со нафта, главните проблеми остануваат. Пловидбата низ регионот сè уште е опасна и скапа, украинските дронови напаѓаат руски рафинерии, а Хутите во Црвеното Море го попречуваат сообраќајот на уште една важна поморска рута.

„Војните не се завршени. Нема мир. Енергетскиот систем и понатаму е под огромен притисок“, изјави Јан Стјуарт, глобален енергетски стратег во компанијата „Пајпер Сендлер“.

Еден од најголемите проблеми е драстичното поскапување на транспортот на нафта. Дневното изнајмување голем танкер за превоз од Персискиот Залив до Кина минатата година чинело околу 65.000 долари, а непосредно пред војната во Иран околу 230.000 долари. Денес цената достигнува дури 1,6 милиони долари дневно.

Дополнително, поради опасностите, некои бродски компании им нудат на морнарите бонуси до 25.000 долари за едно патување, а значително се зголемени и трошоците за осигурување.

Според Том Клоза, главен енергетски советник во „Галф Оил“, транспортот на еден барел нафта од Персискиот Залив, кој некогаш чинел околу два долари, сега достигнува приближно 33 долари. Поради тоа, постои голема разлика меѓу цената на нафтата на финансиските пазари и цената за непосредна физичка испорака. Во четвртокот физичката нафта од типот брент чинела 135,74 долари за барел, додека фјучерс-договорите биле на ниво од околу 100 долари. Повисоките трошоци за набавка, транспорт и осигурување на крајот се прелеваат врз цените на бензинските пумпи.

Дополнителен притисок создаваат војната меѓу САД и Иран, нападите на Хутите врз бродовите во регионот на Црвеното Море и украинските напади врз руските рафинерии. Русија го ограничи извозот на горива поради проблеми со домашното снабдување, додека Кина исто така го намали извозот за да го заштити сопствениот пазар.

Американските рафинерии веќе работат блиску до полн капацитет, а дополнителна закана претставува ураганот Исајас, кој може да го наруши производството на нафта во Мексиканскиот Залив.

Експертите предупредуваат дека светските резерви на нафта и горива значително се намалиле во изминатите месеци, бидејќи биле користени за ублажување на проблемите со снабдувањето.

„Работиме со многу ниски резерви. Повеќе немаме никаква заштита“, предупреди Стјуарт.

Текстот Ормускиот Теснец е отворен, но горивата и натаму се скапи е превземен од МАКФАКС.