Лекарот Дарко Василевски, кој синоќа по шест дена го прекина штрајкот со глад пред Медицинскиот факултет, денеска му одговори на министерот за здравство Сашо Клековски, наведувајќи дека аплицирал на сите повици на Министерството за здравство за вработување приватни специјализанти.

Василевски реагираше на изјавите на Клековски дека може да биде примен во најавената група од 300 специјализанти доколку се пријави и ги исполнува условите.

„Сум аплицирал на сите повици од Министерството за здравство за вработување на приватни специјализанти, вклучително и последниот од август 2026 година“, напиша Василевски на Фејсбук.

Како доказ објави скриншот од апликацијата, за која вели дека ја поднел на 12 август, и тоа двапати за да биде сигурен дека е испратена. Тој посочи дека не аплицира на секој оглас, туку чекал оглас на кој би можел да ја работи специјалноста за која се определил.

Василевски вели дека спортската медицина е една од најдефицитарните гранки и наведе дека во во земјава има околу 20 активни специјалисти од оваа област, кои вршат прегледи на десетици илјади деца, професионални спортисти, рекреативци и балетски уметници.

„Жал ми е што наместо за ова, вие одлучивте да разговарате за (не)надлежности, просек, колку години сум студирал итн.“, му порача Василевски на министерот.

Василевски синоќа го прекина шестдневниот штрајк со глад, кој го започна откако, како што тврдеше, на три конкурси за вработување бил одбиен. По разговорот со деканот на Медицинскиот факултет соопшти дека ја прекинува борбата пред факултетот, но дека постапката за вработување ќе ја оспорува пред надлежните инспекциски и судски органи.

Клековски претходно преку медиумите порача дека доколку Василевски се пријави за вработување во групата од 300 приватни специјализанти и ги исполнува условите, ќе биде примен во некоја од јавните здравствени установи.

Текстот Василевски му одговори на Клековски: Аплицирав на сите повици за вработување приватни специјализанти е превземен од МАКФАКС.