Европската Унија ќе го отвори својот огромен пазар кон земјите кои чекаат членство, под услов тие да се согласат да застанат на страната на блокот во односите со непријателски настроените држави и индустриските конкуренти, се наведува во нацрт-предлог на Европската комисија во кој „Политико“ имал увид.
На земјите кандидати, од кои некои со децении чекаат да станат членки на ЕУ, ќе им биде понудена досега невидена „постепена интеграција“ во единствениот пазар, вклучително и трговија без пречки и пристап до истражувачки програми додека трае процесот на пристапување, се наведува во нацрт-планот, чии делови ги објавува „Политико“.
„Единствениот пазар е првиот приоритет за економска конвергенција“, се наведува во документот за придобивките што треба да им бидат понудени на земјите кандидати пред проширувањето.
„Порана интеграција би отворила можности за компаниите од Унијата, би ги зајакнала европските синџири на вредност и би ги намалила стратешките зависности. Комисијата ќе утврди каде потврдената регулаторна усогласеност и капацитетите за спроведување на прописите овозможуваат подлабоко учество во истражувањето, иновациите и индустриската соработка, како и поширок пристап до пазарот. Предност треба да им се даде на можностите што ги унапредуваат подготовките за пристапување и одговараат на заедничките економски и стратешки потреби“, се наведува во документот.
Изработката на документот ја надгледувал Александр Адам, еден од највисоките советници на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и поранешен соработник на францускиот претседател Емануел Макрон. Според „Политико“, документот од корен би го променил пристапот на ЕУ кон земјите од нејзиното соседство.
Во моментов, речиси сите економски придобивки од поблиската соработка се резервирани за земјите членки, додека ниту една нова држава не влегла во ЕУ по Хрватска во 2013 година.
Во рамките на пакетот мерки на Адам, на Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора ќе им бидат понудени „патокази“ осмислени за забрзување на процесот на нивното пристапување во наредните години.
За другите, како Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Турција, процесот се одолжил, при што расте загриженоста дека тие би можеле да го загубат интересот или да се приближат кон Русија или Кина, пишува бриселскиот портал.
Според планот на Комисијата, економските придобивки што ќе им бидат понудени на земјите кандидати ќе зависат од нивната поддршка за надворешнополитичките цели на ЕУ, додека пристапот до единствениот пазар ќе биде условен со тоа клучните технологии да не ги споделуваат со непријателски настроени држави и трговски конкуренти.
„Како што се продлабочуваат индустриската и пазарната интеграција, учеството во чувствителните сектори мора да биде придружено со соработка во областа на контролата на инвестициите, контролата на извозот, спроведувањето на санкциите и заштитата на чувствителните технологии“, се наведува во документот.
„При проценката на пристапот треба да се земат предвид стратешката усогласеност, критичните зависности и способноста за управување со ризиците за инфраструктурата и синџирите на снабдување. Таму каде што овие услови не се исполнети, обемот на учеството треба да биде приспособен во рамките на соодветниот инструмент.“
Меѓу областите што се разгледуваат за поблиска соработка се полупроводниците, квантните технологии, биотехнологијата, вештачката интелигенција и вселенските технологии.
Во чекалницата
Фон дер Лајен во среда пристигнува во Албанија на разговори во рамките на турнејата низ Западен Балкан. Таа ќе ги посети и Косово и Македонија, кои според новиот план нема да добијат забрзан пат кон членството во ЕУ, а во текот на посетата ќе разговара и за економските придобивки од поблиското усогласување со Унијата.
„Постепената интеграција треба да донесе опипливи придобивки за нашите граѓани и компании“, изјави за „Политико“ косовскиот премиер Албин Курти.
„Сакаме поголем пристап до единствениот пазар на ЕУ, европските фондови и финансиските програми, како и до заедничките програми во области како енергетиката, дигитализацијата, истражувањето, образованието и инфраструктурата.“
„Ја поддржуваме постепената интеграција, но таа мора да биде пат кон полноправно членство во ЕУ, а не паралелен процес или замена за членството. Косово е подготвено да го направи својот дел од работата“, додаде Курти.
Според документот, крајната цел на земјите кандидати треба да биде полноправното членство во Европската Унија.
„Пристапувањето, сепак, бара време: земјите кандидати мора да завршат ригорозен процес заснован на заслуги и да спроведат далекусежни и трајни реформи“, се наведува во документот.
„Тоа време треба целосно и стратешки да се искористи за Унијата да се подготви за поголем број членки и да ја продлабочи постепената интеграција во областите од заеднички интерес.“
Сепак, придобивките ќе зависат од тоа дали земјите ги исполнуваат своите обврски.
„Таму каде што тие обврски не се исполнети, учеството мора да остане реверзибилно. Пристапот треба да биде суспендиран или укинат кога за тоа постојат причини“, се предупредува во предлогот.
Внатрешни промени
Сегашните членки на ЕУ изразиле загриженост поради можноста нови земји да бидат примени во блокот, а потоа да се откажат од своите обврски и да ги нарушат клучните политики.
Унгарија, под премиерот Виктор Орбан, го користеше правото на вето за да ги блокира санкциите кон Русија и поддршката за Украина.
Документот на Адам, кој треба да им биде претставен на високите функционери на 6 октомври, по враќањето на Фон дер Лајен од Западен Балкан, ќе предложи нови услови за земјите кои пристапуваат кон Унијата, со цел да се спречи назадување во областите на демократијата и владеењето на правото.
„Процесот на пристапување мора да обезбеди повеќе од правно усогласување“, се наведува во документот.
„Институциите мора да функционираат во практиката, а реформите мора да бидат трајни. Следењето, поттикнувањата и механизмите за спроведување затоа треба да претставуваат континуирана рамка која ќе продолжи да важи и во периодот по пристапувањето.“
Сепак, и самата ЕУ ќе се менува за да се приспособи на поголем број членки, со што би отишла значително подалеку од заедница на богати западноевропски демократии, како што првично била замислена.
Блокот би можел да ги промени своите правила за да биде помалку зависен од волјата на поединечни земји членки, се заклучува во документот, и тоа без повторно отворање на темелните одредби на правото на ЕУ, што потенцијално би можело да предизвика референдуми низ Унијата.
„Комисијата ги поддржува измените на Договорите таму каде што тоа е неопходно, но смета дека мерките што веќе се достапни во рамките на Договорите треба да се применат сега“, се заклучува во документот.
Меѓу опциите што се разгледуваат е и овозможување поголем број одлуки да се носат со квалификувано мнозинство од земјите членки.
„Гласањето со квалификувано мнозинство веќе е општо правило според Договорите, но едногласноста и натаму е потребна во неколку стратешки важни области. Како што расте бројот на членки, веројатно ќе расте и ризикот од одложувања или блокади“, се наведува во документот.
Таканаречените преодни, односно „passerelle“ клаузули, кои овозможуваат одлуките да се носат со мнозинство наместо едногласно, би можеле да се користат за да се олесни усвојувањето санкции, одговорите на кризи во областа на човековите права и одлуките за испраќање цивилни мисии во конфликтни зони, се наведува во документот.
Сепак, за воопшто да се активираат овие клаузули, потребна е едногласна поддршка од земјите членки.
Лидерите на земјите од ЕУ ќе бидат повикани да се изјаснат за тоа како да се примаат нови членки во блокот и што да им се понуди на оние што сè уште чекаат, на дводневниот самит во Брисел кој почнува на 15 октомври.
Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека новите предлози, заедно со поддршката на земјите членки за забрзување на процесот, даваат можност за „есен на проширувањето“, во текот на која би можеле да бидат спроведени промени без преседан.























