„Левица дава целосна поддршка на земјоделците и сточарите кои денес, 30 септември, во 11 часот во Тополчани ќе излезат на протест за своите права, за својот труд и за опстанокот на домашното производство. Ова е глас на производителите кои со години го носат товарот на една погрешно поставена аграрна политика, во која државата има средства и инструменти кога треба да се спасува ликвидноста на помоќните, но за производителот секогаш има ново ‘ќе биде’“, велат од партијата Левица.

„Состојбата во земјоделството е директен доказ дека владините приказни за „преродба“ не го преживуваат контактот со реалноста. Во првиот квартал од 2026 година, откупот од индивидуалните земјоделски производители паднал за дури 46,2%, додека во август производните инпути биле 7% поскапи од истиот период лани. Пиперката во Струмица беше „договорена“ по 40 денари за прва класа, за потоа на терен да се нуди за 15-20 денари, а во Пелагонија дел од родот скапува по нивите поради недостиг на откуп. Во исто време, субвенциите доцнат, производните трошоци растат, а државата наместо да воспостави систем во кој производителот има сигурен пласман и достоинствен приход, го остава сам да се пазари со откупувачот во момент кога неговиот род не може да чека.

Сточарството е уште една жртва на истата политика. Откупната цена на млекото паднала од околу 33 на 23 денари за литар, премиите и субвенциите доцнат, а кризата со сипаниците кај овците и козите од едно жариште во јануари стигна до 64 жаришта и над 10.000 угинати и усмртени животни – додека државата наместо навремена вакцинација чека донации од странство.

На протестот ќе бидат презентирани конкретните барања на земјоделците и сточарите, а министерот Борче Серафимовски е поканет директно да ги слушне. Ако има храброст, нека излезе пред нив, нека ги погледне во очи и нека им објасни како треба да преживеат со откупни цени под производната цена, со неисплатени субвенции и со род кој им скапува по нивите или со стада што умираат од болести“, се наведува во соопштението на партијата Левица.