Полицијата вчера спроведе акција во која е сузбиена организирана криминална група од Скопје, инволвирана во вршење на кривични дела од областа на тероризам и недозволена трговија со оружје. Уапсено е едно лице, член на ИСИС, кое вршело индоктринација на млади лица за исполнување на цели на терористичката организација ИСИС.

Во рамките на оперативната акција, уапсени се вкупно пет лица, притоа извршен е претрес на повеќе локации на подрачјето на Скопје, и тоа во Сингелиќ, Чаир и Брест, при што пронајдени и одземени се количества на нелегално оружје, пиштоли, автоматски пушки, снајпери, муниција, тактички елеци и останата опрема, пропаганден материјал од меѓународната терористичката организација „Исламска држава“, компјутерски единици за „копање“ криптовалути, како и останата документација.

„При извршените претреси, се пронајдени и одземени автоматски пушки, рамки за автоматски пушки, снајперска пушка, рамка за снајперска пушка, пиштоли, куршуми од различен калибар, тактички елек, радио врски, официјално знаме на терористичката организација ИСИС, поголема количина на електронски уреди, мобилни телефони, како и поголема сума на денарски и девизни парични средства“, соопшти МВР.

Во текот на претресите е утврдено и неовластено користење на електрична енергија, за што се преземаат дополнителни мерки и активности согласно законските надлежности.

„К.И. (34) во 2023 година започнал со делување во рамки на злосторничка организација – огранок со основи на идеолошка матрица на терористичката организација ИСИС, со цел извршување на кривични дела на територијата на нашата држава. Како припадник на терористичката организација ИСИС, вршел индоктринација на млади лица за исполнување на цели на терористичката организација ИСИС, а исто така ширел пропаганден материјал со екстремна и радикална содржина и набавувал и ракувал со огнено оружје. Б.А.(24) и Е.С.(30) заедно со К.И. формирале група во која неовластено поседувале, посредувале и тргувале со огнено оружје и муниција“, велат од МВР.

Од Агенцијата за национална безбедност велат дека станува збор за верско радикална групација надоврзана на транснационални криминални организации која се поврзува со дела на насилство, изнуда, киднапирање, лихварство, недозволена трговија на наркотици, трговија со оружје, и останати криминогени активности.

„Исламско радикалниот елемент е одлика која е взаемна кај повеќето членови на групата, имено истите се идеолошки следбеници на радикални имами кои се поддржувачи и прокламатори на меѓународни терористички организации. Воедно, дел од уапсените се во блиски релации со странски терористички борци од земјава и регионот. Индоктринирањето на млади лица од страна на истакнатите членови на групата е модус операнди кој континуирано се применува. Верските објекти каде се практикува радикалниот ислам и онлајн радикализацијата претставуваат иницијални тригери за регрутација на младите, кои подоцна се интегрираат во дадени криминогени активности на групацијата“, се наведува во соопштението од Агенцијата за национална безнедност.

Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на 29.09.2026 до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против три лица од Скопје, К.И. (34) за сторени кривични дела „тероризам“  и кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“, како и против Б.А. (24) и Е.С. (30) за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“.

Текстот (Фото/Видео) Автоматски пушки, снајпери и муниција откриени во Скопје, уапсен член на ИСИС кој врбувал млади лица да вршат тероризам е превземен од МАКФАКС.