Францускиот претседател Емануел Макрон денес, во говорот за мирот во Европа, изјави дека е среќен што нови земји сакаат да се приклучат кон Европската Унија, „од Балканот до Украина“.
„Каков прекрасен плебисцит за нашата Европска Унија – таа желба да припаѓаат на Европа, област на мир и безбедност, демократија и просперитет“, рече Макрон.
Тој предупреди дека „војната се врати на нашиот континент“.
„Седумдесет и пет години по Шумановата декларација, нашата Европа е потресена од враќањето на империите“, рече Макрон.
Францускиот претседател, исто така, изрази „бескрајна благодарност“ до папата Лав XIV по повод неговата четиридневна посета на Франција.
„Се надевам дека почувствувавте страсна, единствена и среќна нација“, рече Макрон, оценувајќи дека посетата на папата на Мец, кој го нарече територија на француско-германското помирување и камен-темелник на изградбата на Европа, беше богата со симболика.
Макрон зборуваше во Конгресниот центар „Роберт Шуман“ во Мец, каде што пристигна со сопругата Брижит Макрон, а беше најавено и обраќањето на папата Лав XIV.
Во Мец, францускиот претседател ќе ги пречека и шефовите на држави и влади на европските земји кои учествуваат на конференцијата „Корените на Европа за мир и единство“.























