Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул во саботата во Њујорк се сретна со рускиот колега Сергеј Лавров, што е прва билатерална средба меѓу министрите од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Средбата се одржа на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, во просторијата за состаноци на руската делегација, траеше повеќе од 20 минути и заврши со ракување меѓу двајцата министри.

Лавров по средбата изјави дека разговорот со Вадефул бил непотребен и дека не забележал напредок во однос на нивните претходни разговори. За германската новинска агенција ДПА тој рекол дека не слушнал „ништо поинакво“ од она што Берлин јавно го зборува секој ден.

Според Лавров, Германија го побарала состанокот во последен момент, а тој добил впечаток дека Вадефул очекувал Русија да направи отстапки во врска со Украина и пловидбата во Црното Море.

Од друга страна, Вадефул по средбата изјави дека и понатаму постојат длабоки несогласувања во врска со напорите за завршување на војната во Украина.

„Тоа беше интензивен разговор. Секако, не се согласивме за клучните прашања“, изјави Вадефул за германската телевизија ЗДФ.

Тој рече дека предложил деескалација, особено во однос на ситуацијата во Украина, но оти „не наишол на уво што слуша“.

Вадефул нагласи дека за Германија е важно да се стави до знаење дека не прифаќа инциденти како нападот со дрон во Лајпциг и оти таквите дејствија се неприфатлива ескалација.

„Можеме да се браниме и ќе го направиме тоа“, порача германскиот министер.

Германската влада ја смета Русија за одговорна за инцидентот со неексплодираниот дрон на аеродромот во Лајпциг, што Москва го отфрла.