Шест лица загинаа откако двокатна зграда се урна по силна експлозија во срцето на туристичка Атина. Несреќата се случила во областа Плака, во непосредна близина на Акропол и храмот на Зевс.

Спасувачките екипи со часови трагаа по преживеани под урнатините. Со помош на кучиња трагачи, камери и специјални сензори биле пронајдени телата на шест лица, соопшти грчката противпожарна служба.

Според градоначалникот на Атина, првичните сомнежи се дека експлозијата можеби е поврзана со гасната инфраструктура.

На местото на несреќата пристигна и специјализирана единица за истраги на противпожарната служба, која треба да ги утврди точните причини за експлозијата. Пред несреќата, во областа бил пријавен и мирис на гас.

Експлозијата целосно ја уништи двокатницата, а оштетени се и околните куќи, продавници и автомобили. Од силината на експлозијата, метални делови, стакло и градежен материјал биле расфрлани и до три блока подалеку.

Зградата, според пожарникарите, останала претворена во куп метал, урнати балкони и висечки бетонски плочи.

Областа Плака е една од најпосетените туристички зони во Атина, со бројни хотели и објекти за краткорочно изнајмување. Истрагата за причините за експлозијата продолжува.