Неколку луѓе во Берлин беа сериозно отруени, а 42-годишен маж почина откако консумирал гумени бомбони за кои се верува дека содржеле THC. Берлинската здравствена служба издаде итно предупредување за опасни слатки. Властите истражуваат три поврзани случаи и се сомневаат дека сите жртви претходно јаделе THC гумени бомбони, објавува БИЛД.

Најсериозниот регистриран случај се случил на 22 септември во берлинскиот округ Нојкелн. Службите за итни случаи пронајдоа 42-годишен маж со срцев застој на улицата Киницер во 10:26 часот наутро. „Беше извршена реанимација, но за жал не беше успешна. Телото на починатиот беше предадено на берлинската полиција“, изјави портпарол на надлежната служба за БИЛД. Постојат индикации дека овој човек ги конзумирал и контроверзните гумени бомбони пред неговата смрт.

Четири дена претходно, на 18 септември, на истата адреса во населбата Фридрихшајн беа регистрирани два случаи. Пожарникарите прво интервенираа во 10:43 часот на улицата Миленштрасе поради 30-годишна жена лпка била во бессознание. Според првичните информации, таа јадела и бомбони со THC. Нешто повеќе од еден час подоцна, брзата помош пронајде 40-годишен маж на истата адреса со идентични симптоми.

Двајцата биле однесени во болница. Портпаролката на Берлинската здравствена служба потврди за БИЛД дека се регистрирани неколку случаи во кои луѓето по конзумирање на бомбони со THC имале „различни степени на труење со клиничка слика на опиоиден токсидром“.

Симптомите се во согласност со труење со опиоиди како што се фентанил, хероин, морфиум, оксикодон или метадон. Типичните знаци вклучуваат конфузија или губење на свеста, бавно и плитко дишење. Во најтешките случаи, може да се случи прекин на дишењето и смрт.

Сè уште не е прецизно утврдено за која супстанца станува збор. Според информациите од БИЛД, двајца преживеани пациенти биле успешно третирани со налоксон. Тоа е лек кој ги поништува ефектите на опиоидите.

фото/Depositphotos/илустрација