Сенаторите на Демократската партија во Конгресот на Соединетите Американски Држави го критикуваа самитот на американскиот претседател Доналд Трамп со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, оценувајќи дека церемонијалниот дел од состанокот бил во преден план во однос на конкретните резултати за прашањата за вештачката интелигенција, трговијата и критичните минерали.
Демократите, исто така, ја критикуваа одлуката на администрацијата на Трамп да ги ублажи ограничувањата за извоз на напредни чипови во Кина, како и продолжувањето на примирјето во трговскиот спор меѓу САД и Кина, оценувајќи дека таков договор не ги решава доволно проблемите во синџирите на снабдување, вклучително и доминацијата на Кина во глобалната обработка на ретки земји.
„Успешно ќе се натпреваруваме со Кина само преку континуирано инвестирање во сопствените капацитети, тесна координација со сојузниците и непоколеблива одбрана на нашите демократски вредности“, се вели во соопштението објавено од Ројтерс.
Во соопштение потпишано од најмалку 19 од 47-те членови на демократската група во Сенатот, демократите го повикаа Трамп веднаш да обезбеди повеќе од 15 милијарди долари помош за кинескиот регион Тајван, одобрена од Конгресот.
Таа помош вклучува 1,3 милијарди долари директно финансирање и пакет за продажба на оружје во вредност од 14 милијарди долари.
Демократите, исто така, го повикаа Трамп да изврши притисок врз Кина по прашањата за човековите права и да побараат ослободување на Американците за кои велат дека се неправедно притворени.
Некои републиканци, исто така, го искористија самитот за да го повикаат Трамп да ослободи средства наменети за Тајван.
Демократите генерално се критични кон политиките на Доналд Трамп, но реакцијата на самитот би можела да укаже на тоа како членовите на таа партија би се однесувале кон Пекинг доколку ја преземат контролата врз еден или двата дома на Конгресот на конгресните избори на 3 ноември, забележува Ројтерс.























