Координаторот на СДСМ во третата изборна единица, Ацо Велковски, реагира на состојбата со јавниот превоз и железничкиот сообраќај во Источна Македонија.
Во својата објава, Велковски посочува дека по стечајот на „Авто Атом“, Кочани официјално останале без редовна автобуски врски, додека железничката линија кон Кочани со години не функционира.
„Пруга без возови, градови без автобуси – алал да ви е!“, пишува Велковски.
Тој ја критикува власта за, како што наведува, промовирање на реконструирани делници и најави за брзи железници, додека источниот дел од земјата останува без функционален јавен превоз.
Велковски се осврнува и на кредитот од Велика Британија, за кој тврди дека изнесува 2 милијарди евра, прашувајќи зошто се земаат големи задолжувања за идни железнички проекти, додека постојната инфраструктура и транспортните врски во Источна Македонија не функционираат.
Железничката пруга до Кочани, според него, претставува пример за долгогодишно занемарување на инфраструктурата.
„Цела Источна Македонија ја оставивте без еден единствен автобус или функционален воз“, вели Велковски, додавајќи дека граѓаните наместо современ транспорт добиваат, како што оценува, празни ветувања за „брзи возови“ и „летечки такси возила“.
На крајот од објавата, Велковски остро ја критикува власта и порачува дека истите ветувања повторно ќе се најдат и во следните изборни програми.























