
Во тек е рокот за испорака на новите автобуси, а Град Скопје паралелно ги презема сите потребни активности за подготовка на инфраструктурата, со цел автобусите веднаш по пристигнувањето да можат да бидат ставени во функција.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека не се губи време и дека подготовките се одвиваат паралелно со рокот за испорака.
Во моментов се работи на подготовка на трасите и инфраструктурата за полначите, а активности се спроведуваат и во Автокоманда, каде што е потребно обезбедување на високо напојување и поголем капацитет.
Ѓорѓиевски ги отфрли тврдењата дека автобусите се веќе готови, а Град Скопје не е подготвен за нивно ставање во функција.
„Има рок на испорака. Не може автобусите да бидат готови веднаш откако завршила јавната набавка. Никој не знае однапред кој ќе биде избран и дали ќе биде избран, па да има подготвено толкава бројка автобуси“, посочи Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека станува збор за голема набавка од 150 автобуси за целата држава, од кои 100 се наменети за Град Скопје, поради што нивната испорака се одвива согласно предвидените рокови.
Град Скопје продолжува со подготовката на потребната инфраструктура паралелно со испораката, со цел новите автобуси да бидат ставени во употреба без дополнително одложување по нивното пристигнување.
Текстот Град Скопје ги подготвува трасите и полначите пред пристигнувањето на новите 100 автобуси, најави Ѓорѓиевски е превземен од МАКФАКС.























