Советникот од ОО СДСМ Ресен, Борче Ристевски, денеска истакна дека јаболкопроизводителите во Преспа сè уште чекаат исплата на средства и поддршка од државата и побара од Владата конкретни одговори за нивните барања.

„Незадоволството кај јаболкопроизводителите е поголемо од кога било. Нашите луѓе не бараат привилегии. Тие бараат само нешто што им следува, она што им е ветено и што го имаат заслужено со макотрпна работа“, изјави Ристевски.

Тој тврди дека сè уште не се исплатени средствата за откупеното јаболко за 2024 година, во износ од два денари по килограм, како и средствата за регистрираните земјоделци. Ристевски посочи и дека сè уште не се поделени картичките за зелена нафта, а цената на индустриското јаболко, според него, изнесува четири денари за килограм.

„Има 5,5 милиони евра за Дејвид Гета, а за земјоделците нема пари, нема мерки и нема никаква грижа“, рече Ристевски.

Од СДСМ Ресен прашуваат кога ќе бидат исплатени средствата и поделени картичките за зелена нафта и бараат надлежните институции да разговараат со производителите и да понудат решение за нивните проблеми.

„Преспанските производители на јаболка не заслужуваат да бидат занемарувани. Не заслужуваат постојано да чекаат додека нивните трошоци растат, а нивните приходи се неизвесни“, порача Ристевски, додавајќи дека очекуваат навремена поддршка од институциите.

Текстот Ристевски: Јаболкопроизводителите сè уште ги чекаат парите, Владата да си ја исполни обврската е превземен од МАКФАКС.