Изложбата на слики „Сведоштва“ на Виктор Настоски ќе биде отворена утре, 16 септември, во 20 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје. Изложбата ќе биде отворена за посетители до 28 септември.
Портретите на уметникот се емоционален запис, документ и социјална анатомија на состојбата на човекот и средината во која, и самиот уметник, живее. Тоа се траги на колективно искуство и меморија. Инспирирани од активностите и реперкусиите врз кои нашето денешно друштво и општество постои. Овие портрети се директна уметничка манфестација на настаните кои му се случија на ова друштво во поблиската историја. Интересен момент е пристапот кон претставата за човек. Уметникот ги гледа децата како самиот човек. Тие не стануваат луѓе – тие се луѓе. Во нивната искреност, ранливост и игра се содржи есенцијалната вистина за човечкото битие.
Да насликаш дете е како да ја насликаш состојбата на општеството. Портретите не се идеализирани призори, туку претставуваат реална, на моменти сурова слика на средината како одраз врз физичкото и менталното постоење на децата, а со тоа и на човекот.
Појавата на еден човек е комплекс од чувства, емоции, разбирања, размислувања и верувања. Портретите откриваат многу за човекот, за општеството и за средината во која живее. Читајќи ги овие појави дознаваме повеќе за самите нас. Тоа е комуникација без искажан збор.
Изразената сила е остварена преку бојата, таа го лови човечкиот тон во момент на израз или емоција, го надополнува набојот или ја дообјаснува состојбата. Потенцирањето на дадени нијанса е азбуката која уметникот автентично ја користи за да посведочи. Позадината се појавува како апстрактен скоро непостоечки амбиент – етер изразен со еден тон, како надополнување на портретот. Симболиката на боите е искористена за претставување на физичката појавност на човечката кожа, но со изразен интензитет како фокус. Црвената или портокаловата, во комплекс со сината или зелената, се пресметани и избалансирани односи. Овие портрети се базирани врз живи субјекти, но и измислени. Тие се метафора на издржливост, отпор, молк и страв но и на директен диалог, незадоволство, насилството и разочарување. Секоја слика е огледало во кое сите ние сме се сретнале самите со себе.
Виктор Настоски, роден во 1975 година во Скопје,.Дипломирал на архитектонскиот факултет при УКИМ – Скопје Од 2011 година до 2013 интензивно посетувал атељеа и студија со цел подетално и автентично да се запознае со сликарските техники и практики. Од 2023 наваму, целосно е посветен на визуелната уметност и сликарството, со главен фокус на портрети и актови. Живее и работи во Скопје.
Текстот „Сведоштва“ на Виктор Настоски во КИЦ – портретите како огледало на човекот и општеството е превземен од МАКФАКС.























