
Делегација предводена од заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески е во неколкудневна работна посета на Словенија.
Во рамки на посетата, заедно со претставници од повеќе институции ќе се реализираат работни средби со високи претставници од релевантните институции во Република Словенија во однос на законската рамка, институционалните практики и примената на правото на Европската Унија во областа на трудот, миграцијата и трудовата мобилност.
Во рамки на престојот ќе бидат посетени и реализирани средби со високи претставници на Министерството за економија, труд и спорт, Агенцијата за вработување на Словенија, Министерството за внатрешни и јавни работи, како и Канцеларијата за поддршка и интеграција на мигранти, каде ќе се презентираат искуствата на Република Словенија во примената на релевантното законодавство на Европската Унија и практичното спроведување на политиките во оваа област.
Целта на студиската посета е размена на искуства кои ќе дадат придонес во унапредувањето на политиките и институционалната рамка во областа на трудот и трудовата мобилност, во согласност со европските стандарди.
Студиската посета е организирана од страна на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), во рамки на проектите „Искористување на потенцијалот на дијаспората за напредување во пристапувањето кон Европската Унија и мобилноста на работната сила во Западен Балкан“ и „Регионалната програма за управување со миграцијата (RMGP) – фокус на Западен Балкан и Република Турција“.
Текстот Работна посета на Ристески на Република Словенија – фокус на трудот и трудовата мобилност е превземен од МАКФАКС.























