Постапувајќи по пријава од граѓанин, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на вчерашниот ден во соработка со полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР реализираше акција во рамки на која од слобода е лишено службено лице – помошник – директор на Секторот за административно – технички работи во Царинската управа.
Врз основа на досега прибраните докази, од обвинителството соопштија дека постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривични дела Примање поткуп и Примање награда за противзаконито влијание.
Во периодот од април/мај до септември 2026 година, осомничениот, користејќи ја својата службена положба, во повеќе наврати побарал и примил парични средства во вкупен износ од 17.500 евра. Дел од средствата, во износ од 7.500 евра, биле побарани и примени во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа, со цел договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од негово раскинување.
Дополнително, во врска со друга постапка за јавна набавка што била предмет на жалбена постапка, осомничениот побарал уште 10.000 евра, при што се повикал на свое претпоставено влијание врз натамошниот тек на постапката. Според прибраните докази, за возврат тој требало да влијае врз постапувањето во жалбената постапка и да делува во однос на условите и техничката спецификација.
Пријавата на граѓанинот овозможи ОЈО ГОКК навремено да преземе законски дејствија за проверка на наводите, обезбедување докази и реализација на случајот, велат од обвинителството.
„Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
За неполна седмица, ова е втор случај во кој ОЈО ГОКК постапувајќи по пријава од граѓанин, презеде дејствија што резултираа со успешна реализација. Ваквите случаи ја потврдуваат важноста на соработката меѓу граѓаните и надлежните институции во навременото откривање и гонење на коруптивните кривични дела. Обвинителството ги охрабрува граѓаните кои располагаат со сознанија или информации за можни коруптивни дејствија да ги пријават до надлежните органи. Секоја основана информација се проверува со должно внимание, а идентитетот и личните податоци на лицата кои пријавуваат се заштитуваат согласно законските можности и потребите на постапката“.
Текстот Уапсен директор во Царинската управа: примил поткуп од 17.500 евра е превземен од МАКФАКС.














