Терминалот 1 на аеродромот Берлин Бранденбург (BER) беше евакуиран вечерва со одлука на германската федерална полиција. Според првичните информации, причината била безбедносна проверка на багажот, но првично немало потврда за реална закана, пишува DW.

Пријава за опасна супстанца
Портпаролот на полицијата потврди за германската новинска агенција DPA дека патниците морале да ја напуштат зградата. Според него, жена им се приближила на обезбедувачите и пријавила дека во нејзиниот багаж има опасна супстанца. „Не можевме да исклучиме можна закана од непозната супстанца“, рече портпаролот, пренесува медиумот.


Влијание врз воздушниот сообраќај

Подоцна властите на аеродромот го потврдија инцидентот. „Федералната полиција го активираше безбедносниот протокол околу 17:45 часот поради сомнителна опасна супстанца“, изјави портпаролот на аеродромот, потврдувајќи дека „јавната зона на Терминал 1 беше евакуирана“. Тој објасни дека авионите подготвени за полетување можеле нормално да полетаат, а пристигнувањата се одвиваат според распоредот.

„Влегувањето и слетувањето на патниците се пренасочени кон Терминал 2, доколку е можно“, рече тој. „Во овој момент, не можеме да процениме до кој степен летовите ќе бидат одложени или откажани“. Податоците од веб-страницата на аеродромот околу 19 часот покажаа дека некои летови од Терминал 1 биле одложени.

Аеродромот Берлин Бранденбург (BER), познат и како аеродром „Вили Брант“, беше отворен во 2020 година. Тој е најпрометниот аеродром во Берлин и трет најпрометен во Германија, со годишен проток од околу 26 милиони патници. Исто така, се користи за голем број летови на германската федерална влада.

Текстот Терминалот на аеродром во Берлин евакуиран поради безбедносна закана е превземен од МАКФАКС.