Способноста на Европската Унија да одговори на странска инвазија до 2030 година останува неизвесна поради континуираната зависност од Соединетите Американски Држави и фрагментираните национални одбранбени системи, според најновиот извештај на Европскиот суд на ревизори (ECA), објавува денес „Гардијан“.
Судот изјави дека ЕУ е значително поподготвена отколку пред целосната руска инвазија на Украина во 2022 година, но дека ќе биде тешко да се постигне целта за подготвеност за одбрана до крајот на деценијата.
„Постигнувањето подготвеност за одбрана во ЕУ до 2030 година останува предизвик“, рече денес членот на ECA, Марек Опиола, кој ја водеше анализата на одбранбената политика на европскиот блок.
Според него, сè уште постојат големи тешкотии, како што се фрагментираните национални системи или тесните грла во индустријата, како и зависноста од САД.
Тој нагласи дека ЕУ сè уште би можела да постигне значителен напредок ако драстично ги зголеми средствата за одбрана и брзо го прошири производството на муниција, објави весникот.
Помеѓу 2020 и 2025 година, земјите-членки на ЕУ ги зголемија трошоците за одбрана за 79 проценти како одговор на руската закана и доцнењето во обидот да ги исполнат целите за трошоци на НАТО.
Во ноември 2024 година, Унијата го исполни своето ветување да испорача еден милион парчиња муниција на Украина, со осум месеци задоцнување.
Минатата година, ЕУ постави цел за подготвеност за одбрана до 2030 година, откако разузнавачките служби предупредија дека Русија може да биде подготвена да води војна од големи размери во Европа во тој период.
Финансиското надзорно тело на Унијата изјави дека е потребно да се надминат големите пречки за да се постигне таа цел, која вишиот ревизор ја дефинираше како „имање стратешка автономија“ и „способност за самостојно водење војна со висок интензитет“.
Вишиот ревизор, исто така, истакна дека ЕУ е поподготвена отколку во 2019 година, кога беше спроведена слична анализа, но предупреди дека фрагментираните национални одбранбени индустрии и „недоволната соработка“ меѓу владите на ЕУ придонесуваат за ризикот од дуплирање на трошоците или трајни недостатоци на воените капацитети.
Симбол на таа дисфункција, иако не беше спомената во извештајот, е одлуката на Франција и Германија да го напуштат проектот за изградба на заеднички борбен авион вреден 100 милијарди евра, бидејќи водечките компании не успеаја да ги решат споровите околу командата и контролата, според „Гардијан“.
Текстот „Гардијан“: Способноста на ЕУ да се брани од инвазија е доведена во прашање е превземен од МАКФАКС.
















