Нови возила за комунална хигиена беа промовирани денеска во Скопје, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Возилата се обезбедени преку проект реализиран со поддршка од Светска банка.
Ѓорѓиевски соопшти дека новата механизација ќе ги зајакне капацитетите за одржување на јавната хигиена и ќе овозможи побрзо, поефикасно и поредовно собирање на отпадот.
„Сметот со години беше еден од најгорливите проблеми во Скопје и една од најтешките слики на нефункционалноста на системот на нашите претходници. Уште од првиот ден кога ја презедов функцијата градоначалник, ветив дека нечистотијата, преполните контејнери и запуштените улици ќе станат минато. Денес зборот станува дело“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој најави дека Град Скопје со сопствени средства набавува дополнителни специјализирани возила, како и повеќе од 3.300 нови контејнери, за кои постапката е во завршна фаза.
„Со обновена механизација, нова опрема и подобра организација, му ставаме крај на долгогодишниот проблем со сметот“, порача Ѓорѓиевски.
Градоначалникот му се заблагодари на премиерот Мицкоски за поддршката на локалната самоуправа, како и на вицепремиерот Николоски и на директорката на Светска банка за Македонија за придонесот во реализацијата на проектот.
Мицкоски, пак, на промоцијата рече дека проектот е дел од активностите за подобрување на животната средина и хигиената во општините.
„Им честитам на сите оние коишто ќе добијат нова механизација, нови алатки да се справуваат со сметот, повикувам и на општествена одговорност и на граѓанска одговорност затоа што нашата животна средина е наша животна средина и треба да си ја чуваме сите, подеднакво да бидеме одговорни кон истата“, рече Мицкоски.
Тој најави дека следен чекор ќе биде испораката на електрични автобуси до општините за организирање еколошки јавен градски превоз.
„Тука не застануваме, продолжуваме и понатаму, следен чекор е испораката на автобусите коишто би требало многу скоро да почнат да се испорачуваат до општините за организирање на еколошки јавен градски превоз, тука мислам на електричните автобуси“, рече премиерот.
Мицкоски се осврна и на работата на Владата во изминатите 26 месеци, обвинувајќи ја претходната влада на СДСМ и ДУИ дека оставила „клекната, ограбена и распадната држава“.
Тој посочи дека еден од водечките проекти на почетокот на мандатот на Владата било децентрализирањето средства од државниот буџет кон општините, при што биле обезбедени проекти во вредност од половина милијарда евра за капитални инвестиции.
„Знам дека не е идеално, знам дека тешко се живее, впрочем и никогаш не било полесно, но ние сме тука да го оставиме срцето на терен и да направиме сè што е во наша моќ да подготвиме проекти како овој“, рече Мицкоски.
Текстот Пристигнаа новите возила за комунална хигиена – Ѓорѓиевски порача „Зборот е збор“, Мицкоски ја најави испораката и на електричните автобуси е превземен од МАКФАКС.




















