Општина Центар на 12 септември, со почеток во 20 часот, во Паркот на Франкофонија по четврти пат го организира музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“.
Годинашното издание се одржува во годината кога Општина Центар одбележува голем јубилеј – 50 години од своето постоење, а по тој повод е подготвена музичка програма со познати имиња од домашната сцена.
На сцената во Паркот на Франкофонија ќе настапат Слаткар, Дупер, Барбара Поповиќ, Лина Пејовска и 2 Бона, кои ќе бидат дел од големата музичка вечер со која Центар заедно со граѓаните ќе го прослави својот 50-годишен јубилеј.
На денешната прес-конференција, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека јубилејот е уште една причина годинава Центар да ги собере сите генерации на едно место и да го прослави со македонска музика и домашни артисти.
„Оваа година за Центар е навистина посебна – славиме 50 години од нашата општина. Половина век Центар, половина век приказни, генерации, култура и настани што оставиле свој белег. Затоа сакавме овој голем јубилеј да го одбележиме онака како што му доликува – заедно со нашите граѓани и со најдоброто од македонската музичка сцена.
„Нешто што ќе остане“го организираме по четврти пат и особено ми е драго што токму годинава имаме навистина силна програма. Од самиот почеток имавме една јасна идеја – нашите настани да бидат простор за македонските музичари, уметници и автори. Имаме одлични домашни артисти и наша обврска е да ги поддржуваме, да им даваме сцена и публика и да покажеме дека го цениме она што го имаме дома. Тоа е нешто на што сум особено горд и нешто по што сакам Центар да продолжи да се издвојува“, изјави Герасимовски.
Герасимовски ги покани сите центарци, но и сите скопјани, на 12 септември да бидат дел од музичката вечер и заедничката прослава.
„Сакам Паркот на Франкофонија да биде полн со луѓе од сите генерации. Да пееме, да се дружиме и заедно да прославиме 50 години Центар. На крајот, токму тоа е и суштината на овој настан – да создадеме убави моменти и спомени, нешто што навистина ќе остане“, порача Герасимовски.
Музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“ ќе се одржи на 12 септември, од 20 часот, во Паркот на Франкофонија. Настанот е отворен за сите граѓани.
Текстот Општина Центар ќе слави 50. роденден со Слаткар, Дупер, Барбара Поповиќ, Лина Пејовска и 2 Бона е превземен од МАКФАКС.




















