Американскиот претседател Доналд Трамп предложи Ормускиот Теснец, една од клучните точки во актуелната војна против Иран што ја започнаа САД и Израел, да биде преименуван по него.
Предлогот го објави на својата социјална мрежа „Трут соушал“, помалку од една недела откако, во екот на трговскиот спор со Канада, потпиша извршна наредба со која езерото Онтарио го преименува во езеро Америка.
„Сега кога го имаме под контрола на САД, треба ли да го смениме името на Ормускиот Теснец во ТРАМПОВ ТЕСНЕЦ??? Како и самата Америка, и тој би бил ‘пожежок’ од кога било досега! Ви благодарам за вниманието што му го посветивте на ова прашање. Претседател ДОНАЛД Џ. ТРАМП“
Не е јасно како Трамп би се обидел да го промени името на теснецот, кој не се наоѓа во близина на САД. Претходно тој го преименува езерото Онтарио во езеро Америка, а на почетокот на својот втор претседателски мандат најави и преименување на Мексиканскиот Залив во Американски Залив.
Трамп и неговата администрација повеќепати тврдеа дека Иран ја изгубил контролата врз Ормускиот Теснец, низ кој пред почетокот на војната кон крајот на февруари минувала една петтина од светската трговија со нафта.
Сообраќајот низ теснецот и натаму е значително под нивото од пред војната. Американската администрација, сепак, тврди дека вкупниот извоз на нафта од регионот сега е поголем отколку пред почетокот на војната, доколку се земат предвид нафтоводите на Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати кои го заобиколуваат Ормускиот Теснец.
Текстот Трамп: Треба ли Ормускиот Теснец да го наречеме Трампов Теснец? е превземен од МАКФАКС.














