Шестмина членови на техничката екипа на Ед Ширан биле пренесени во болница по несреќа за време на демонтирањето на сцената по неговиот концерт во Детроит. Врз работниците паднал дел од тешката сценска опрема, пишува „Пипл“.
Несреќата се случила во саботата, на 29 август, на стадионот „Форд филд“. Според извештаите, опремата ги удрила работниците во близина на рампата во тунелот за возила додека оделе на пауза. Еден од повредените, кој бил погоден во градите, изјавил дека сè се случило „за една секунда“.
Сите шестмина биле пренесени во локални болници. Никој не е во животна опасност, но двајца се здобиле со тешки повреди, додека состојбата на останатите четворица била стабилна.
Управата на стадионот соопшти дека е започната детална истрага за несреќата и дека соработува со надлежните институции и продукциските партнери.
Турнејата на Ед Ширан продолжува според планот, а следниот концерт е закажан за 4 септември на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси.
Текстот Шестмина повредени при демонтирање на сцената по концерт на Ед Ширан е превземен од МАКФАКС.














