До неодамна, Инде Наварет беше позната главно на гледачите на сериите „Супермен и Лоис“ и „13 причини зошто“. Денес, 25-годишната актерка од Аризона е едно од новите имиња за кои Холивуд најмногу зборува. За таков подем, таа првенствено може да му се заблагодари на хорор филмот „Опсесија“, едно од најголемите филмски изненадувања на годината, а наскоро ќе има голема улога во светот на Марвел – ќе ја игра Роуг во новиот X-Men.
Покрај тоа, нејзината изведба во „Опсесија“ предизвика и шпекулации за можна номинација за Оскар за најдобра актерка.
„Опсесија“ е напишана и режирана од Кари Баркер, а приказната го следи Мечка (Мајкл Џонстон), осамен вработен во музичка продавница кој со години е вљубен во својата пријателка Ники, која ја игра Наварет.
Кога тој посакува Ники да го сака повеќе од кој било друг на светот, неговата желба се остварува на најлош можен начин. Нејзината љубов прераснува во насилна и опасна опсесија.
Филмот е направен за само околу 750.000 долари, а неговиот успех ги надмина сите очекувања. Кон крајот на август, тој ја премина границата од 500 милиони долари во светот, станувајќи најуспешниот филм во историјата направен со буџет помал од 1 милион долари.
За Наварет, тоа беше улога што ја промени нејзината кариера практично преку ноќ. Но, патот до неа не беше толку лесен. Актерката претходно отворено зборуваше за големиот број аудиции и одбивања што ги добила.
„Имаше многу одбивања, многу аудиции кои не водеа никаде. На крајот се покажа како одлично училиште“, изјави таа. Додаде дека научила да го претвори одбивањето во конструктивна критика и дека можела целосно да се предаде на улогата на Ники затоа што чувствувала дека нема што да изгуби.
По успехот на „Опсесија“ дојде најголемата улога во нејзината кариера досега. Marvel официјално потврди на овогодинешниот D23 дека Инде Наварет ќе ја игра Роуг во новиот филм X-Men, кој ќе се појави во кината во мај 2028 година.
По успехот на филмот и нејзиното влегување во универзумот на Марвел, Наварет сака да докаже дека нејзиниот ненадеен успех не бил само случајност.
„Сакам да докажам дека успехот на ‘Опсесија’ не беше само среќа. Ова е нешто што навистина го сакам и сакам да продолжам да го правам, но ќе биде потребно време“, изјави таа.
фото/ЕПА
Текстот Холивуд има нова миленичка, таа има 25 години, а нејзината кариера „експлодираше“ е превземен од МАКФАКС.














