Вчера во државата имало над 23 пожари на отворен простор, од нив 7 се активни а останатите се изгаснати со помош на локалните пожарникари, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

„Во моментов два пожари се тешки за гаснење. Првиот е пожарот кој пред два дена започна од преспанската страна во подножјето на планината Пелистер. Во текот на вчерашниот ден, ноќта и утрово се водеше жестока битка со пламените јазици и утрово овој пожар беше ставен под целосна контрола. На пожарот во подножјето на Пелистер се ангажирани повеќе сили“.

На терен, посочи Ангелов, се ангажирани пожарникари од Ресен и Битола, тимови на Дирекцијата за заштита и спасување со пет „пинцгауери“, како и доброволни пожарникари. Во гаснењето денес ќе се вклучат и екипи на „Национални шуми“.

„Рано утрово со дејство започна еден армиски хеликоптер со големо ведро од три тона, истиот уште дејствува а по него се очекува интервенција и со два „ертрактори“ на ДЗС, како и со полициски хеликоптер доколку има потреба“.

Се работи за еден од најтешките шумски пожари оваа сезона, потенцира Ангелов.

„Наша цел е, доколку не успееме да го изгаснеме, барем да го спречиме неговото движење и да не дозволиме да навлезе во квалитетната шума во Националниот парк ‘Пелистер’“, рече Ангелов.

Вториот комплексен пожар е во атарот на селото Градец во Општина Врапчиште, каде што е зафатена борова шума на тешко пристапен терен. Во гаснењето е ангажиран полициски хеликоптер кој се снабдува со вода од блиско езеро и на неколку минути врши налети врз огнената линија.

Дејствуваат и пожарникарите од Гостивар а ќе бидат испратени доколку е потребно и дополнителни сили.

Според него покрај овие пожари, има уште неколку активни пожари кои зафаќаат поголеми површини, но во моментов не се алармантни и не претставуваат опасност за населените места или за квалитетни борови и други зимзелени шуми.

Упати и апел до граѓаните да бидат особено внимателни, бидејќи опасноста од пожари и во септември останува на исклучително високо ниво.

Текстот (Видео) Пожарот на Пелистер еден од најтешките за гаснење, во државата активни седум пожари, соопшти Ангелов е превземен од МАКФАКС.