Цените на нафтата денес пораснаа за речиси два проценти, откако американските сили го нападнаа иранскиот остров Ларак во Ормускиот теснец, а Иран возврати со напад врз две американски воздухопловни бази во Јордан, со што конфликтот влезе во шестиот месец, објавува Ројтерс.

Цената на барел сурова нафта „Брент“ порасна за 1,77 долари, или два проценти, на 89,87 долари, додека американската нафта WTI порасна за 1,45 долари, или 1,74 проценти, на 84,85 долари.

Во неделата, американските сили нападнаа на иранскиот остров Ларак во Ормускиот теснец, што е првиот познат американски напад врз Иран од крајот на јули.

Иран, според иранските медиуми, кои се повикуваат на Револуционерната гарда, како одговор нападна две американски воздухопловни бази во Јордан.

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата на социјалните мрежи изјави дека иранскиот остров Харк, важен енергетски центар, бил „разнесен на парчиња“, но засега нема докази дека островот бил нападнат. Иран го негираше нападот и рече дека производството и извозот на нафта се одвиваат без прекин.

Преговорите за прекин на конфликтот се во застој, додека медијаторите се обидуваат повторно да го отворат Ормускиот теснец, низ кој минуваше една петтина од светското производство на нафта пред почетокот на војната на крајот на февруари.

„Постои поголема шанса конфликтот да остане ограничен отколку да има долгорочна ескалација. Она што се движи со секое ново избувнување на конфликт е рокот за повторно отворање на Ормускиот теснец“, рече Сувро Саркар, раководител на истражувањето на енергетскиот сектор во банката DBS.

Бројот на видливи трговски бродови што поминале низ теснецот во текот на викендот е намален на пет дневно, според податоците за поморскиот сообраќај, што укажува на будноста на компаниите поради страв од напади врз бродови.

Британската организација за поморски трговски операции објави во неделата дека танкерот бил погоден од ракета во саботата додека пловел кон Ормускиот теснец.

Министерот за финансии на САД, Скот Бесант, изјави за Ројтерс дека САД би можеле да воведат нови секундарни санкции против Иран секоја недела.

Текстот Скокнаа цените на нафтата по американскиот напад врз иранскиот остров во Ормускиот теснец е превземен од МАКФАКС.