Општина Илинден продолжува со континуирано уредување и унапредување на јавниот простор, создавајќи современи, функционални и пријатни места за одмор, рекреација и дружење на граѓаните. Во таа насока започната е изградба на нов парк во населеното место Миладиновци, кој ќе биде уште едно уредено зелено катче наменето за сите генерации, велат од Општината.

Со проектот е предвидено целосно уредување на постојниот простор, со нови зелени површини, пешачки патеки и соодветна урбана опрема. Во рамки на градежните активности ќе се изведат нови бетонски и павер-површини, а посебен акцент ќе биде ставен на создавањето содржини за најмладите жители, кои ќе добијат детско катче со кула со лизгалка, лулашка и клацкалка, а предвидени се и клупи за одмор и дружење, известува Општина Илинден.

„Со изградбата на паркот, досегашниот простор ќе добие целосно нов изглед и намена, создавајќи уредена и безбедна средина која ќе придонесе за поквалитетно секојдневие на жителите на Миладиновци.“ – истакна градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој изврши увид во почетокот на градежните активности.

Уредувањето на јавните површини и создавањето нови зелени и рекреативни содржини остануваат меѓу приоритетите на Општина Илинден. Преку реализацијата на ваквите проекти, општината продолжува да создава похумана, поуредена и пофункционална средина, во која граѓаните ќе имаат повеќе можности за одмор, рекреација и дружење во своето населено место, се додава во соопштението на Општина Илинден.

Текстот (Фото) Општина Илинден започна со изградба на нов парк во н.м Миладиновци е превземен од МАКФАКС.